БЕШЕ ОПАСЕН КАКО ГОЛМАН, ЕМОТИВЕЦ КАКО ЧОВЕК – СТРУМИЧАНИ СЕ ПРОСТИЈА ОД БЛАГОЈ ИСТАТОВ

    БЕШЕ ОПАСЕН КАКО ГОЛМАН, ЕМОТИВЕЦ КАКО ЧОВЕК – СТРУМИЧАНИ СЕ ПРОСТИЈА ОД БЛАГОЈ ИСТАТОВИстатов на комеморацијата беше опишан како фудбалска, тренерска и угостителска звезда (Фото: СДК)

    Голем број спортски работници, поранешни и сегашни фудбалери, роднини и пријатели со силен аплауз се простија од Благој Истатов, големото фудбалско име, кој со својата голманска и тренерска кариера ги освои фудбалските височини во земјава, но и во белградски Партизан и холандски Утрехт. Тој почина вчера на 71-годишна возраст.

    „Истатов одбрани стотици пенали, илјадници шутеви, но не успеа да го одбрани последниот. Тој вечно ќе живее, бидејќи беше голем и опасен голман, полн со професионализам од една страна, но и со емоции и љубов од друга страна, иако така не изгледаше“, кажаа присутните на комеморативната седница, посветена на Истатов.

    На комеморацијата беа присутни и сопругата Љупка и децата Боркица, Боро и Мишел со своите семејства (Фото: СДК)

    За него зборуваа поранешниот фудбалер Томе Семенков, Васил Тупурковски – претседателот на Македонскиот олимписки комитет, новинарот Бошко Трпески, Ѓоко Хаџиевски и претседателот на ФК Беласица, Славчо Васков.

    „Кого и да прашате во Македонија, Гостивар, Крива Паланка или во Дебар, за Истатов, ќе ви одговори кој е тој, бидејќи цел живот беше активен во спортот. Тој беше фудбалска, тренерска и угостителска звезда. Нема фудбалер кој не го знае овде, во Србија и во Холандија“, кажа Хаџиевски.

    На комеморацијата присутни беа и сопругата Љупка и децата Боркица, Боро и Мишел со своите семејства, кои добија телеграми со сочувство од повеќе спортски организации и институции.

    Благој Истатов е роден во 1947 година. Својата фудбалска кариера ја започнува во 1963 година во Беласица, а во 1965 со младицните го освои Купот на Југославија. По Беласица заминува во прилепска Победа, каде одигра 210 натпревари. Во 1973 заигра за белградски Партизан, каде настапуваше три сезони, а потоа две години бранеше и за холандски Утрехт.

    Двата клуба на своите официјални сајтови ја објавија веста за смртта на Истатов, а до семејството испратија телеграми со сочувство.

    Истатов во 2015 година од страна на ФФМ доби награда за животно дело.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира