БЕВ МНОГУ БЛИСКУ ДО САМОУБИСТВО, ОТКРИ МАЈКЛ ФЕЛПС

    БЕВ МНОГУ БЛИСКУ ДО САМОУБИСТВО, ОТКРИ МАЈКЛ ФЕЛПСЛесно е да се стане шампион, моите проблеми почнуваа по секоја олимпијада, кажа Мајкл Фелпс (Фото: АП)

    Мајкл Фелпс, легендарниот пливач и најтрофеен олимпиец на сите времиња, откри дека низ животот се борел со депресија, што во еден момент го довело до раб на самоубиство.

    Тој зборуваше на оваа тема на конференција во Чикаго, каде што ја сподели својата лична приказна за депресијата, анксиозноста, но и за самоубиствените мисли.

    „За да се биде успешен спортист, треба да си талентиран и многу, многу посветен. Не е проблем да се стане шампион. Тој дел е лесен, потребни се напорна работа, посветеност и никогаш да не се предадеш. Моите проблеми почнуваа по завршувањето на секоја олимпијада“, откри Фелпс.

    Тој вели дека бил многу разочаран кога се вратил без медал од првата Олимпијада во Сиднеј во 2000 година, а потоа, како што вели, платил висока цена за интензитетот на својата работа.

    „Секогаш бев гладен за успех, сакав повеќе и повеќе. Сакав да ги видам моите крајни граници. Затоа по секоја Олимпијада паѓав во голема депресија. Забележав шаблон на однесување, што едноставно не беше во ред. Мислам дека во 2004 година првпат ми се случи ова“, кажа Фелпс.

    Токму таа година, тој беше фатен како вози во пијана состојба, а четири години подоцна се појавија фотографии како пуши марихуана од бонг.

    „Најтешката фаза ми беше по Олимписките игри во 2012 година. Тогаш веќе не сакав да бидам во спортот, не ми се ни живееше. Со денови седев сам во соба, не јадев, едвај спиев и не сакав да бидам жив“, вели Фелпс.

    Тој помина некое време на рехабилитација откако повторно беше фатен како вози пијан во 2014 година и тоа, како што призна, целосно го смени и на Олимписките игри во 2016 година отиде со сосема друг пристап.

    „Многу сум благодарен што не си го одзедов животот“, кажа Фелпс.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира