Ракометот во Битола е пред нов предизвик. Ракометниот клуб Еурофарм Работник достави „платформа за ракометна Битола“ до општинскиот Совет, во која бара да ги откупи акциите на прославениот клуб Пелистер. На денешната седница на Советот беа донесени заклучоци кои ќе се испратат до Еурофарм Работник. Во нив, Советот дозволува 75 проценти од клубот, чиј стопроцентен сопственик досега беше Општина Битола, да му се продадат на Еурофарм Работник, а остатокот да остане во општинска сопственост.
„Ние како Совет предлагаме сопственичката структура на двата клуба да биде една. Ќе опстојуваат два клуба: еден ќе биде европски силен, а другиот база на млади битолски ракометари. Бараме СЕХА лигата и Лигата на шампионите да се играат во салата во Битола. Дел од грбот ќе биде зелен, а бојата на дресовите, според платформата, ќе биде сино-бела, бидејќи таа била пријавена во Лигата на шампионите. Од следната сезона клубот би имал два дреса, сино-бел и зелено-бел“, рече Валентин Груевски, претседател на Советот.
Акциите на РК Пелистер што треба да ги преземе другиот тим чинат околу 18.000 евра. Во однос на финансирањето, Општината би продолжила за дава 15 милиони денари, а „Еурофарм“ ќе треба да обезбеди најмалку 45 милиони денари. Со ова, како што рече Груевски, ќе се создаде ракометен џин со буџет од еден милион евра.
Опозицијата побара бојата на дресовите да остане зелено-бела, како препознатлива за клубовите од Битола.
„Химната што се пее на сите натпревари кога игра Пелистер е ‘нека знае земја цела, сакам боја зелено-бела’. Ќе бараме да биде извесна судбината на четворица тренери и на преку сто членови на младинската школа на РК Пелистер и штом Општината издвојува пари за финансирање, да се гарантира дека во следните пет години натпреварите од СЕХА лигата и од Лигата на шампионите ќе се играат токму во Битола“, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Претставници на навивачката група „Чкембари“ побараа сите домашни натпревари оваа сезона да се играат во зелено-бели дресови, а потоа тоа да биде практика и на други натпревари. Тие рекоа дека името Еурофарм Пелистер ќе го прифатат во интерес на создавање силен спортски тим.
„Нам ни пречи менувањето на боите на клубот. Еурофарм Работник во Лигата на шампионите ја има пријавено сино-белата боја, но секој спортски клуб има два комплета на дресови, едни за домашни, едни за гостински мечеви. Ова е најмногу што можеме да прифатиме. Ќе инсистираме сите домашни натпревари да се играат во зелено-бела комбинација, а од следната сезона да бидеме зелено-бели“, рече Николче Лазаровски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА