Боксерката Синди Нгамба изгуби во својот полуфинален меч на Олимписките игри во Париз, но сепак освои бронза, што е прв медал за Олимпискиот тим на бегалци досега. Бидејќи во боксот се доделуваат две бронзи, 25-годишната Нгамба имаше обезбедено медал со самиот пласман во полуфиналето на категоријата до 75 килограми.
„Не е важна бојата на медалот, овдека станува збор за чиста одлучност и инспиративно патување на еден од 120 милиони бегалци ширум светот“, објави Меѓународниот олимписки комитет.
Нгамба живее во Велика Британија и тренира со британскиот тим. Таму се преселила на десет години и не била во можност да се врати во родната земја Камерун поради својата хомосексуалност, за што можат да се добијат до пет години затвор во оваа африканска држава.
Живее во Болтон, каде што почнала да тренира бокс на 15 години и дипломирала криминологија. Сепак, досега нема добиено британско државјанство, поради што е спречена да боксува под знамето на Британија.
Олимпискиот тим на бегалци дебитираше на ОИ во Рио де Жанеиро во 2016 и досега немаше освоено медал. Во Париз има 37 претставници во 12 спортови.