Бугарскиот фудбалски прволигаш Арда се извини откако одржа минута молчење во чест на свој поранешен играч, за потоа да се дознае дека тој се уште е жив.
Арда му оддаде почит на Петко Ганчев пред почетокот на средбата со Левски Софија во неделата, при што двете екипи со наведнати глави беа застанати на средината на теренот. Пред завршувањето на натпреварот, Арда објави на својата фејсбук страница дека биле погрешно информирани.
„Управата на Арда сака да им упати огромно извинување на Петко Ганчев и неговото семејство откако клубот прими погрешна информација дека тој починал. Му посакуваме на Петко Ганчев уште многу години добро здравје и да ужива во успесите на Арда“, соопшти клубот од градот Крџали.