Македонските атлетичари Дарио Ивановски и Милјана Ристиќ победија на главната трка на 21 километар на 8. издание на „Охрид трчаТ“, што се одржа денеска низ улиците на Охрид. Ивановски полумаратонот го истрча за 1 час 10 минути и 1 секунда. На второто и третото место се пласираа атлетичарите од Бугарија Михаил Валковски (1:14:00) и Николај Николов (1:15:44).
Ивановски, покрај парична награда од 300 евра од Општина Охрид, доби ваучер за десетдневни подготовки во Охрид пред настапот на Европското првенство и Олимпијадата, што ќе се одржат ова лето. Тој е единствениот македонски атлетичар што се квалификуваше за настап на Олимпијадата во Париз.
Милјана Ристиќ победи во женска конкуренција со резултат 1:30:01, Јована Шубатлија од Србија заврши втора (1:30:40ч.), а трета Фросина Михајловска (1:31:35).