Централноафриканската Република соопшти дека дипломатскиот пасош за кој тениската легенда Борис Бекер тврди дека му дава право на имунитет во постапката за банкрот во Велика Британија, е фалсификат.
„Дипломатскиот пасош што го поседува Бекер е лажен“, изјави началникот на кабинетот на Министерството за надворешни работи, Черубин Морубама.
Серискиот број на документот одговара со еден од групата на нови пасоши што беа украдени во 2014 година, рече тој.
Покрај тоа, на пасошот, на кој стои датата 19 март 2018 година, нема ниту потпис ниту печат од министерот за надворешни работи, Чарлс Армел Дубан.
Изминатиот петок, адвокатите на Бекер поднесоа барање до Високиот суд во Лондон, посочувајќи дека беше назначен за спортски аташе на Европската Унија во Централноафриканската Република, што, според Виената конвенција од 1961 година, го заштитува од судски процес во која било држава.
Трикратниот освојувач на Вимблдон прогласи банкрот во јуни 2017 година поради голем долг кон една банка.
„Одлуката да се покрене банкрот беше нефер и неоправдана, во што ме вовлече група анонимни банкари и бирократи“, изјави тогаш Бекер.