Домашните тркачи Иван Радев и Катерина Шиповиќ триумфираа на петтото издание на планинскиот ултрамаратон Охрид ултра-трејл, што викендов се трчаше на Галичица.
Радев ја помина делницата од 107 километри за време од 14:36:17 часа, триумфирајќи пред Антонио Каранфиловски од Македонија (15:23:36) и Кеисуке Минами од Јапонија (16:05:07), додека Шиповиќ беше најбрза во женска конкуренција со време од 17:51:38 часа. Таа славеше пред Ивана Јовановска (19:30:11) и Сандра Ганглоф од Франција (20:26:14).
Покрај ултрамаратонот, на програмата беа уште три трки, на кои стартуваа вкупно 370 натпреварувачи. На трката на 65 километри победија Константинос Џијанопулос од Грција (7:34:54 часа) и Стефани Маурер од Швајцарија (8:57:24), а на маратонската делница најбрзи беа Уран Амети од Косово (4:32:58 часа) и Алена Паборцава од Црна Гора (4:43:44).
Златко Николов од Македонија и Немања Ристовиќ од Србија финишираа со исто време од 2:15:45 часа на трката на 22 километри, додека Елена Ртоска прва стигна на целта од жените (2:37:42).
Приказната за Охрид ултра-треил, што го организираат спортските здруженија „Трекс“ од Скопје и „Топ адвенчрс“ од Охрид, започна во 2019 како настан со две трки во планинско трчање, на 60 и 30 километри.