Тони Крос ѝ донесе победа на Германија од 2:1 против Шведска на Светското првенство во Русија со голот од слободен удар во 95. минута, а натпреварот во Сочи се следеше организирано и во Германската амбасада во Скопје. Гости на амбасадорот Томас Герберих, меѓу другите, беа претседателот на Собранието Талат Џафери, и амбасадорите на САД, Велика Британија и Шведска, Џес Бејли, Чарлс Гарет и Матс Стафансон.
Шведска поведе со голот на Ола Тоивонен во 32. минута, а резултатот го израмни Марко Ројс во 52. минута. Германија, благодарение на погодокот на Крос во судиското надополнување, сега е на второто место со три бода, три помалку од првопласираното Мексико, а во последното коло игра со Јужна Кореја, која нема бодови по две кола. Шведска има три бода и игра со Мексико во последното коло.