ФАШИСТИЧКАТА „МИНИ-ОЛИМПИЈАДА“ ВО КОРТИНА ВО 1941 Е ИЗБРИШАНА ОД ИСТОРИЈАТА, НАСТАПИЛА И ЈУГОСЛАВИЈА

    ФАШИСТИЧКАТА „МИНИ-ОЛИМПИЈАДА“ ВО КОРТИНА ВО 1941 Е ИЗБРИШАНА ОД ИСТОРИЈАТА, НАСТАПИЛА И ЈУГОСЛАВИЈАМомент од отворањето на светското првенство (Фото: АП)

    Кортина д‘Ампецо од денеска повторно е домаќин на зимска олимпијада. Тоа првпат се случи во 1956 година, но малку е познато дека 15 години порано, за време на Втората светска војна, ова италијанско планинско гратче било домаќин на светско првенство во скијање.

    Пред војната, Кортина ја добила организацијата на Зимските олимписки игри во 1944 година, кои потоа биле откажани како што се засилувала војната. Но, Бенито Мусолини не се обесхрабрил и наредил организирање „мини-олимпијада“. Италија и Германија, која настапила и со скијачи од анектираната Австрија, собрале најмногу медали на првенството, од кое биле исклучени непријателските земји.

    Стари исечоци од весници и аматерски филмски снимки покажуваат спортисти како прават фашистички поздрав на подиумот, додека низ Кортина се веат нацистички знамиња и има силно воено присуство. Веднаш по војната, Светската скијачка федерација ги избришала сите резултати, поради што ова натпреварување исчезна од историјата.

    Во секој поглед, како никогаш да не се случило. Италијанската република никогаш не била заинтересирана да преземе одговорност за шампионатот, кој бил дел од планот на Оската за создавање нов светски поредок и во спортот. Германија, а исто така и Италија и Јапонија, сакаа спортските настани да продолжат да се одржуваат како ништо да не се случува. И така ова беше еден од последните големи меѓународни настани пред да се прошири војната“, рече Никола Сбети, спортски историчар од Универзитетот во Болоња.

    Зачувани снимки покажуваат спортисти како прават фашистички поздрав на подиумот (Фото: АП)

    Но, тоа не бил вистински меѓународен настан, бидејќи сојузничките земји како Велика Британија, Франција и САД биле исклучени, окупираната Норвешка настапила со ослабнат тим, а и неутралната Швајцарија не била во полн состав.

    „Тоа беше светско првенство за земјите од Оската, неутралните земји и марионетските држави како Словачка. Учествувала и Југославија, пред да биде нападната само два месеца подоцна“, кажа Сбети.

    Најмногу трофеи освоила Германката Кристл Кранц: злато во спуст и комбинација и сребро во слалом. Севкупно, Германија освоила 11, а Италија седум од 18-те медали во алпското скијање. Во нордиското скијање, Финска се закитила со седум, а Шведска со пет медали.

    Голем број од учесниците на првенството не ја преживеале војната. Шампионот во слалом и комбинација Јозеф Јеневајн загинал како пилот на германската авијација, а Рудолф Кранц, кој освоил бронза во спуст, загинал на источниот фронт, исто како и Финецот Паво Виерто, златен во скијачки скокови.

    По бришењето на сите резултати во 1946, настанот конечно беше засенет од Зимските олимписки игри во Кортина во 1956 година, кои станаа симбол на преродба, откако Италија ги прифати демократските вредности по војната. Денес има малку физички траги од првенството од 1941 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира