Натпреварите од англиската Премиерлига во иднина би можеле да се пренесуваат на Фејсбук, кој, заедно со Амазон, планира да влезе во трката за купување на ТВ-правата на најатрактивното и најгледано фудбалско првенство на светот.
Ова го откри потпретседателот на Манчестер јунајтед, Ед Вудворд, на состанокот на клупските инвеститори, најавувајќи дека фудбалот го очекуваат големи промени на тој план. Според него, Фејсбук и Амазон би почнале со наддавањето кон крајот на оваа година, имајќи предвид дека актуелниот договор за ТВ-правата важи до 2019 година.
„Апсолутно, верувам дека и тие ќе влезат во трката. Постои голем интерес од нивна страна. Тоа на големо се слуша во кулоарите на Премиерлигата. Но, не е само Премиерлигата, интересот би можел да се прошири и на Лигата на шампионите“, изјави Вудворд.
Од формирањето на Премиерлигата во 1992 година, натпреварите се пренесуваат на „Скај спортс“, а пред три години на овој пазар влезе и „БТ спорт“. Вредноста на актуелниот тригодишен договор изнесува 5,14 милијарди фунти.
Но, навиките на гледачите се менуваат, па Амазон оваа сезона почна да пренесува натпревари од НФЛ, станувајќи прв избор на прекуокеанските фанови. Амазон за 10 натпревари плати 37 милиони фунти.