Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) нема обрвска да го прилагоди своето име според Договорот од Преспа, откако вчера Грција реагираше до УЕФА поради кратенката ФФМ на дресовите на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство. Таква жалба испратил и грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас до Османи, објавија грчките медиуми.
Но, Османи вели дека ФФМ е регистрирана како здружение во Централниот регистар и не прима државни пари и поради тоа нема никакви обврски согласно Договорот од Преспа.
„ФФМ е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение кое не прима државни пари. Договорот од Преспа опфаќа институции кои примаат државни пари. И сè додека ФФМ не прима државни пари, нема обврска да го прилагоди своето име според Преспанскиот договор. Трговските марки во Договорот се дефинирани: кодот е МК, МКД. Некои прашуваат зошто не е НМК, но тој код е само за регистарските таблички, според Преспанскиот договор“, кажа Османи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по потпишувањето на спогодбите за испраќање економски советници од министерствата за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Грција бара од УЕФА македонската репрезентација да ја користи кратенката НМ или РНМ од англиската верзија на уставното име, место ФФМ, а бара од УЕФА и да го разгледа името на македонската фудбалска федерација.