Лео Меси потврди дека претстојното финале во Катар ќе биде неговиот последен натпревар на светските првенства. Меси ја предводеше Аргентина до победата над Хрватска од 3:0 во вчерашното прво полуфинале и в недела ќе ја има последната шанса да стане светски првак и да го зацементира својот статус на еден од најдобрите фудбалери во историјата.
„Многу сум среќен што имам можност да го завршам моето мундијалско патување во финалето. Има многу години до следното светско првенство и мислам дека нема да можам да го играм. Најдобриот начин е сè да заврши вака“, изјави 35-годишниот Меси.
Финалето ќе биде негов 172. меч за Аргентина и 26. настап на светските првенства, со што ќе го надмине рекордот на Лотар Матеус. Меси го игра своето петто СП, со што ги надмина аргентинските рекордери Диего Марадона и Хавиер Маскерано. Тој има дадено пет гола во Катар, вкупно 11 на светските првенства, рекордни за Аргентина.
„Рекордите се убава работа, но она што е важно е остварувањето на групната цел. Еден чекор сме од неа и ќе дадеме сè од себе за да ја оствариме овојпат“, кажа Меси, кој во 2014 беше поразен од Германија во финалето.