Денешниот фудбалски натпревар во Штип помеѓу ветераните на белградска Црвена звезда и штипска Брегалница го привлекува вниманието на спортската јавност затоа што ќе се собере плејада познати фудбалери. Според организаторот, Црвена звезда го потврдила доаѓањето на 20 фудбалери, меѓу кои и прославените македонски асови Дарко Панчев, Илија Најдоски, Драган Канатларовски, Митко Стојковски и Бошко Ѓуровски, како и Владимир Петровиќ-Пижон, Станислав Караси, Куле Аќимовиќ, Здравко Боровница и Зоран Филиповиќ. Не било потврдено, но се очекува да присуствуваат и Милко Ѓуровски, Душан Савиќ, Горан Пандев и други.

Денешниот натпревар ги враќа спомените од 1978, кога во Штип гостуваше Њујорк Иглс со Еузебио и Бразилецот Еду (Фото: СДК.МК)
За Брегалница ќе играат исто така познати имиња кои настапувале и за други водечки екипи од тоа време, а некои биле и репрезентативци на Македонија, како Љупчо Лазаров, Гордан Здравков, Гоце Алексовски, Мијалче Маџунаров, Баже Петров, Папаров, Милосавов, Ефтимов и капитените Мите Георгиев и Кире Герасимов, а ќе присуствуваат и штипските фудбалски легенди Стојан и Васил Коцеви, Стојан Шумански и Боро Цеков. Натпреварот најверојатно ќе го суди штипјанецот Ванчо Коцев, кој како сојузен судија ја делеше правдата на голем број натпревари што ги одиграла Црвена звезда во поранешна Југославија.
„Ова е ревијален натпревар по повод 100 години постоење на ФК Брегалница. Таа е формирана во 1921 година, но во изминатите години не се одбележа големиот јубилеј, па со мало задоцнување и со поддршка на Општина Штип и група штипски бизнисмени кои го сакаат фудбалот конечно ќе се одбележи јубилејот со една ваква спектакуларна фудбалска средба“, велат Стојан Арсов и Никола Штериев, кои поради повреда нема да настапат, но како тренери ќе ја водат Брегалница.
Средбата ќе започне во 19 часот и ќе се игра под рефлектори на Градскиот стадион во Штип.
Многумина од помладите не знаат дека овој јубилеен натпревар ги враќа спомените од 1978 година, кога во Штип играа светските фудбалски ѕвезди Еузебио, Бразилецот Еду, Драган Џаиќ и Слободан Сантрач. На тој натпревар дојде и Драгослав Шекуларац, фудбалскиот виртуоз роден во Штип, кој изрази желба и го договори тој натпревар помеѓу Брегалница и американската екипа Њујорк Иглс, за која играше на крајот на својата кариера. Во чест на неговото збогување со фудбалот дојдоа големи фудбалски имиња во неговиот роден град Штип.
Штип по 39 години му се оддолжи на Шекуларац, па во центарот на градот се подигна спомен-обележје кое го симболизира неговиот фудбалски талент. Тој лично го откри во 2017, две години пред да почине.
Т. ЈОВАНОВСКИ