ФК ТЕТЕКС ГО ПОВЛЕЧЕ ДРЕСОТ СО БРОЈ 4 ВО ЧЕСТ НА ЛЕГЕНДАТА НА ТЕТОВСКИОТ ФУДБАЛ БОШКО БЛАЖЕВСКИ

    ФК ТЕТЕКС ГО ПОВЛЕЧЕ ДРЕСОТ СО БРОЈ 4 ВО ЧЕСТ НА ЛЕГЕНДАТА НА ТЕТОВСКИОТ ФУДБАЛ БОШКО БЛАЖЕВСКИДресот со број 4 им беше предаден на синот и внуците на Блажевски (Фото: СДК.МК)

    Фудбалскиот клуб Тетекс од Тетово ја одбележа 68-годишнината од формирањето и по тој повод, на достоинствен начин му искажа почит на Бошко Блажевски, еден од најдобрите играчи на клубот. Тетекс го повлече од употреба дресот со број 4, што 12 сезони го носеше Блажевски. Тој им беше предаден на синот и внуците на Блажевски, кој почина лани на 76-годишна возраст.

    „Бошко Блажевски целиот свој живот го посвети на Тетово и Тетекс. Во 1970-ите имаше проштален натпревар во негова чест, кога се повлекуваше од активно играње фудбал, но потоа продолжи да работи во ФК Тетекс како тренер и член на управата и редовно беше дел од клубот. Затоа, ова е голема чест за нашето семејство. Ова нека биде поттик за сите спортски работници, младите и за децата дека сѐ што ќе постигнат во спортот некој ќе го памети“, изјави неговиот син Зоран Блажевски, придружуван од внуците на Бошко, Дарио и Бобан.

    Бошко Блажевски долги години беше и спортски новинар и пишуваше за повеќе весници во Македонија и за редакциите од поранешните југословенски републики.

    Одбележувањето на роденденот на ФК Тетекс беше збогатено со одигрување на ревијален натпревар со Брегалница од Штип, клубот во кој Блажевски, како средношколец, ја почнал својата фудбалска кариера.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира