Фудбалерот на Тотенхем Родриго Бентанкур е суспендиран седум натпревари од Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) поради расистичка изјава за Јужнокорејците, која се однесуваше на неговиот тимски колега Сон Хеунг-мин. Инцидентот се случи во јуни, кога Бентанкур гостувал на една телевизија во родниот Уругвај, при што водител му побарал дрес од Тотенхем.
„Дрес на Сони? Би можел да биде и од негов роднина зашто сите ми изгледаат исто горе-долу“, одговорил 27-годишниот Бентанкур.
Тој тогаш бил приватно таму, па прекршокот спаѓа во надлежност на ФА, која кажа дека играчот постапил на несоодветен начин и употребил навредливи зборови. Бентанкур исто така ќе мора да плати казна од 100.000 фунти и да оди на советување.
Уругвајскиот репрезентативец подоцна се извини на социјалните мрежи и кажа дека тоа била многу лоша шега. Сон минатиот месец изјави дека помеѓу нив нема лоши чувства и дека Бентанкур и лично му се извинил.
Бентанкур оваа сезона беше стандарден во тимот на Тотенхем и на 15 средби постигна еден гол.