ФУДБАЛОТ Е МОЈ ЖИВОТ – ВЕЛЕШКАТА ЛЕГЕНДА ТРАЈЧЕ КОВАЧЕВ ЈА ПРИМИ НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ГЕМИЏИИ“

    ФУДБАЛОТ Е МОЈ ЖИВОТ – ВЕЛЕШКАТА ЛЕГЕНДА ТРАЈЧЕ КОВАЧЕВ ЈА ПРИМИ НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „ГЕМИЏИИ“Трајче Ковачев ја почна и ја заврши кариерата во велешки Борец, а потоа беше и негов тренер (Фото: СДК.МК)

    Велешката и македонска фудбалска легенда Трајче Ковачев ја прими највисоката општинска награда „Гемиџии“. Прво фудбалер, а потоа и тренер, со неговото име е поврзан најголемиот успех на ФК Борец во клупската историја.

    „Сакам оваа награда да биде поттик за сите спортисти со нивните успеси да придонесат за афирмацијата на нашиот Велес. Да има што повеќе велешани кои се прваци на Македонија, учесници на балкански, европски и светски првенства, да се споменува името на Борец и на Велес. Фудбалот беше мој живот и до крајот ќе биде мој живот. Најдете слободно време, спортувајте, рекреирајте се, така го продолжувате животниот век“, вели Ковачев.

    Од својата петгодишна возраст Ковачев е во фудбалот. Како фудбалер започнал и завршил во Борец, играл и за Овче Поле и Пелистер, од каде замина за Раднички од Ниш, за кој настапуваше од 1971 до 1978 во Првата лига на Југославија. Тој во спортската јавност е познат по прекарот Зебец, по легендарниот југословенски фудбалер Бранко Зебец.

    „Кога како деца боси игравме фудбал на улица, мене другарите од маалото, кога се делевме, секогаш прв ме земаа во екипа, иако бев помал од нив. Бев подобар од другите, сум играл впечатливо и постарите по мене викаа ‘леле, игра како Зебец, игра како Зебец‘“, раскажува Ковачев.

    Многу години подоцна, кога со Раднички бил на подготовки на Јелса, Хвар, играле со сплитски Хајдук, чиј тренер бил токму Зебец. Тогаш се запознале и вели дека тоа му е најдрагиот спомен во животот.

    Во 1978 година, кога Борец влезе во Првата македонска лига, раководството на градот го замолило Ковачев да му помогне на клубот и тој се врати дома и по три години ја заврши играчката кариера. Како тренер, ги минал сите возрасни категории во матичниот клуб Борец, а работел и во Тиквеш од Кавадарци, Брегалница од Делчево, Куманово и Балкан од Скопје. Најголем тренерски успех му е првото место со, како што гордо кажува, мојот Борец.

    „Во сезоната 1988/89 бевме прваци на Македонија и влеговме во Третата лига-Југ на Југославија. Тоа беше екипа составена исклучиво од велешки фудбалери, без засилувања, создавана со години од најмали категории, а во што и јас учествував“, додава 71-годишниот Ковачев.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари