Претседателот на Германската фудбалска федерација (ДФБ) Бернд Нојендорф кажа дека е подготвен да прифати можна казна кога голманот Мануел Нојер ќе ја носи шарената лента со натпис „Една љубов“ за време на Светското првенство во Катар.
„Лично, јас сум целосно подготвен да ја прифатам казната. Ова не е политичка изјава, туку изјава за човекови права“, кажа тој.
Голманот Нојер и неколку други капитени на европски репрезентации планираат да носат вакви ленти на рацете на натпреварите во Катар како поддршка за различностите. Засега е нејасно дали ФИФА ќе им изрече казни за потегот.
Нојендорф вели дека ваквиот потег на капитените е против расизмот и антисемитизмот и како поддршка за правата на жените и човековите права воопшто.
Откако ја доби организацијата на Светското првенство, Катар е често критикуван поради нарушувањата на човековите права во земјата и поради третманот на ЛГБТ заедницата.
Светското првенство почнува утре со натпреварот меѓу домаќинот Катар и Еквадор.