Светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ по враќањето во Белград од турнирот во Виена му се јави преку видеоповик на младиот штипјанец Петар Мијалков, кој бил негов голем фан и не пропуштал ниеден негов натпревар.
Петар е аутистичен. Неговиот татко раскажува дека син му го засакал Ѓоковиќ откако во Штип видел постери со него.
„Секогаш кога минувавме покрај нив беше весел и се гордееше со светската ѕвезда. Еден ден постерот беше тргнат и Петар почна да тагува. Напишав на Твитер дали може некој да ми прати таков постер, за што веста се проширила и во Србија. Бевме многу изненадени кога лично се јави Ѓоковиќ“, вели таткото на Петар.
На видеоснимката што ја емитуваше регионалната телевизија „Стар“ се гледа Ѓоковиќ: „Здраво Петар, верувам дека наскоро ќе се видиме. Чувај се и брзо ќе се видиме“.
Таткото на Петар вели дека кога ќе имаат можност, ќе се потрудат да го гледаат Ѓоковиќ во живо.
Т. ЈОВАНОВСКИ