Светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ потврди дека ќе патува во Њујорк за да игра на Отвореното првенство на САД, но затоа настапот го откажа бранителката на трофејот Бјанка Андрееску.
Ѓоковиќ, кој во јуни имаше позитивен тест на коронавирус, досега изјавуваше дека не е сигурен дали ќе игра на Ју-Ес опен, критикувајќи ги протоколите што ги најави Тениската асоцијација на САД. Турнирот почнува на 22 август и мечевите ќе се играат пред празни трибини.
„Не беше лесно да се донесе ваква одлука, имајќи ги предвид сите пречки и предизвици, но на крајот пресуди големата желба повторно да се натпреварувам“, изјави Ѓоковиќ.
Тој ќе биде единствениот претставник на „големата тројка“ во Њујорк, бидејќи Роже Федерер е повреден, а ланскиот победник Рафаел Надал го откажа настапот, исто како уште 25 други тенисери и тенисерки.