Новак Ѓоковиќ пред само две недели му го препушти првото место на АТП листата на Енди Мари по 122 недели владеење, но веќе утре може да се врати на врвот. Двајцата тенисери ќе се борат да ја завршат годината како светски рекет број еден во утрешното финале на завршниот турнир од АТП турнејата во Лондон.
Српскиот тенисер вечерва лесно се справи со Кеи Нишикори во полуфиналето и славеше со 6:1, 6:1, додека на Британецот му беа потребни три часа и 38 минути за да го совлада Милош Раониќ со 5:7, 7:6, 7:6.
Првпат во историјата последниот меч од сезоната ќе го реши и првото место на АТП листата на крајот од годината. Финалето во Лондон е со почеток од 19 часот по македонско време.