Новак Ѓоковиќ се повлече од српскиот тим за АТП купот во Сиднеј, со што дополнително се зголемија сомнежите дали ќе ја брани титулата на Отвореното првенство на Австралија следниот месец.
Долго време се шпекулираше дали светскиот рекет број еден ќе учествува на двата турнира, додека одбиваше да открие дали се вакцинирал против ковид-19.
Организаторите на Австралија опен, кој почнува на 17 јануари, кажаа дека сите учесници мора да бидат вакцинирани против ковид-19 или да приложат медицинско ослободување одобрено од меѓународен панел на експерти.
Ѓоковиќ има освоено рекордни девет титули во Мелбурн, вклучувајќи ги последните три. Минатиот месец, неговиот татко Срѓан кажа дека Новак веројатно нема да игра на Австралија опен, споредувајќи го барањето за задолжителна вакцинација со уцена.