Ханси Флик ќе остане тренер на Баерн до крајот на сезоната, објави клубот.
Тој беше унапреден од помошен во привремен тренер откако Нико Ковач доби отказ во ноември и во прв момент требаше да го води клубот на само два меча. Откако ги победи Олимпијакос и Борусија Дортмунд, неговиот мандат беше продолжен до Божиќ, а сега останува на клупата најмалку до крајот на сезоната.
„Со Флик како главен тренер, напредокот на екипата беше неверојатен. Поставивме и нов рекорд во Лигата на шампионите со шест победи на исто толку мечеви во групата“, изјави извршниот директор на клубот, Карл-Хајнц Румениге.
Во Бундеслигата, Баерн заминува на зимската пауза со четири бода помалку од лидерот Лајпциг.
Откако пет години го водеше Хофенхајм, Флик во 2006 стана дел од стручниот штаб на германската репрезентација, со која стана светски првак во 2014.