Актуелниот вицешампион Хрватска по третпат ќе игра во полуфиналето на светските првенства откако на пенали со 4:2 го совлада фаворизираниот Бразил во првото четвртфинале на Мундијалот во Катар.
Немаше голови во регуларните 90 минути, делумно и по заслуга на хрватскиот голман Ливаковиќ, кој одлично интервенираше во неколку наврати.
Нејмар му донесе водство на Бразил на истекот на првото продолжение, со што го израмни рекордот на Пеле како најдобар стрелец во историјата на бразилската репрезентација со 77 голови.
Хрватска се избори за нови пенали на ова СП со голот на Бруно Петковиќ во 117. минута, а таму повторно се истакна Ливаковиќ, кој му донесе почетна предност на својот тим, запирајќи го ударот на Родриго во првата серија. Дека Бразил уште еднаш рано си оди дома стана јасно откако Маркињос погоди статива.