По Андреа Пирло, уште еден фудбалски мајстор објави дека се повлекува од зелените терени.
Иконата на Барселона и на шпанската репрезентација Чави Ернандес изјави дека ќе се пензионира на крајот на сезоната, за да почне тренерска кариера.
„Имав среќа кариерата да ми помине без повреди, но сега мислам дека е време за крај. Катар ми овозможи да одиграм неколку помирни сезони, но веќе се чувствувам уморно и побавно заздравувам. Ова сигурно е мојата последна година како фудбалер. Сакам да добијам тренерска лиценца и да почнам со новата работа“, изјави 37-годишниот Ернандес, кој ја напушти Барселона пред две години и се пресели во Ал Сад.
Тој одигра 17 сезони во дресот на Барселона и со Андрес Иниеста го сочинуваа еден од најкреативните тандеми во историјата на фудбалот. Со Каталонците освои сѐ што можеше да се освои, вклучувајќи четири титули во Лигата на шампионите, а беше дел и од најуспешната генерација на репрезентацијата на Шпанија, која беше двократен европски и еднаш светски првак.