Индија го освои првото олимписко злато во атлетика и само второ во поединечна конкуренција во историјата откако Нираџ Чопра изненадувачки славеше во фрлање копје во Токио. Дваесет и тригодишниот Чопра го фрли копјето до 87,58 метри за да ѝ го донесе историското злато на својата земја. Зад него се пласираа двајца Чеси, Јакуб Вадлејх со 86,67 метри и Витеслав Весели со 85,44 метри.
„Ова е неверојатно. Ова е момент за гордост за мојата земја“, изјави Чопра.
Неговото злато е седми медал за Индија на овие Олимписки игри, со што е надминат рекордот од Лондон во 2012, кога беа освоени шест.
Првиот и досега единствен олимписки шампион од Индија беше Абхинав Биндра, кој славеше во пукање со воздушна пушка во Пекинг 2008. Индија има вкупно десет олимписки злата, а останатите осум ги освои репрезентацијата во хокеј на трева.