Италијанската скијачка Елена Фанкини објави дека нема да настапи на претстојните Зимски олимписки игри во Пјонгчанг и дека предвреме ја завршува сезоната, бидејќи има тумор.
Без да открие други детали за својата здравствена состојба, 32-годишната Фанкини кажа дека ќе биде подложена на серија медицински тестови.
„Мојата намера е да му се вратам на скијањето наредната сезона“, изјави Фанкини, добивајќи поддршка од Италијанската скијачка федерација.
„Сакаме Елена да знае дека целосно стоиме зад неа и нејзиното семејство и ѝ посакуваме што побрзо да се врати на скијачките патеки“, кажа претседателот на Федерацијата, Флавио Рода.
Фанкини освои сребрен медал во спуст на Светското првенство во 2005 година, а има и две победи во оваа дисциплина во рамките на Светскиот куп. Пјонгчанг требаше да биде четврта олимпијада во нејзината кариера.