ИВАНОВСКИ, ШИПОВИЌ И ЈОВАНОВА ГО ИСТРЧАА 335 КМ ДОЛГИОТ УЛТРАМАРАТОН ТРКА НА ЏИНОВИТЕ ВО ИТАЛИЈАНСКИТЕ АЛПИ

    ИВАНОВСКИ, ШИПОВИЌ И ЈОВАНОВА ГО ИСТРЧАА 335 КМ ДОЛГИОТ УЛТРАМАРАТОН ТРКА НА ЏИНОВИТЕ ВО ИТАЛИЈАНСКИТЕ АЛПИИвановски, Шиповиќ и Јованова се првите македонски учесници на еден од најпознатите ултрамаратони во светот (Фото: Трекс)

    Тројцата македонски претставници Жикица Ивановски, Катерина Шиповиќ и Радмила Јованова го завршија еден од најпознатите ултрамаратони во светот Tor de Geants (Трка на џиновите), долг 335,6 километри, што се трча во италијанските Алпи. Тие ја исполнија нормата и стигнаа на целта во временскиот рок од 150 часа.

    Најдобар резултат оствари Ивановски, кој ја помина делницата за 108 часа, 59 минути и 40 секунди, што му го донесе извонредното 126. место во конечниот поредок.

    Шиповиќ истрча време од 129:42:30 часа и го зазеде 397. место, додека Јованова заврши на 539. позиција со време од 141:10:43 часа. Сите тројца се членови на клубот „Трекс“ од Скопје.

    Ивановски, Шиповиќ и Јованова ја исполнија нормата и стигнаа на целта во временскиот рок од 150 часа (Фото: Трекс)

    Се трчаа над 330 километри на тежок планински терен, во променливи и непредвидливи временски услови, со 27.000 метри висинска денивелација. Тоа е трка во која се бориш и со природата и со самиот себе“, рече Ивановски по влегувањето во целта.

    Бројот на учесници на трката е ограничен на 1.100. Годинашните победници во машка и женска конкуренција се Ришар Виктор од Франција со време од 66:08:22 часа, што е нов рекорд на овој ултрамаратон и Нор ван дер Вен од Холандија со време од 79:34:30 часа.

    Првото издание на Tor de Geants се одржа во 2010. Стартот и целта се во градот Курмајор, се трча низ Аостинската Долина во Италија и трката мора да се комплетира за 150 часа. Македонија за првпат имаше претставници на трката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира