Предмети од фондот на Мемо Сулејманов, основоположникот на македонското маратонско трчање, ќе ја сочинуваат изложбата „Мемо Сулејманов – македонски атлетски рекордер“, што ќе се отвори утре во 12.30 часот во Музејот на Република Северна Македонија.
Станува збор за материјал кој сведочи за спортските успеси на Сулејманов (1926-1984), долгогодишниот републички рекордер во повеќе атлетски дисциплини, кој бил набавен и донесен во Музеј на Македонија во 1986.
„Во годините по војната и во почетокот на 1950-ите години, Сулејманов бил македонски рекордер во повеќе атлетски дисциплини истовремено. Неговата кариера како активен спортист траела мошне долго, а подоцна своите знаења и искуства ги пренесувал на младите атлетичари на АК Вардар“, стои во најавата за изложбата, напишана од Драган Георгиев од Историскиот оддел во Музејот.
Сулејманов важи за прв македонски маратонец, кој настапил на повеќе маратони во земјата и во странство, како и на многубројни републички крос-натпревари.