Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, го покани тешко болниот Свен-Горан Ериксон да дојде на „Енфилд“, откако поранешниот селектор на Англија изјави дека никогаш нема да му се исполни желбата да биде тренер на „црвените“. Седумдесет и петгодишниот Ериксон неодамна објави дека боледува од рак на панкреас и дека му останува најмногу една година живот.
„Со сето срце ве каниме да дојдете кај нас. Можете да ја имате мојата канцеларија, да водите тренинг ако сакате, не е проблем. Тоа сѐ спаѓа во тренирање и водење екипа. Затоа дојдете за да поминеме неколку убави часа заедно“, изјави Клоп.
Во текот на својата богата кариера, Ериксон работеше и на островот, при што беше тренер на Манчестер сити, а од 2001 до 2006 и првиот небритански селектор на Англија.
„Татко ми сѐ уште е жив и сѐ уште навива за Ливерпул. И јас секогаш сум бил навивач на Ливерпул. Секогаш сум сакал да бидам тренер на Ливерпул, но тоа со сигурност нема да се случи“, изјави Ериксон во интервјуто за „Скај“.