Британскиот тенисер Ден Еванс призна дека користел кокаин, откако доби едногодишна суспензија од Меѓународната тениска федерација (ИТФ), но, како што вели, никогаш не го правел тоа за време на турнирите.
Тој имал позитивен допинг-тест за време на турнирот во Барселона, што се играше во април, но ИТФ му ја изрече казната дури шест месеци подоцна.
„Не сум зел кокаин за време на турнирот. Веројатно влегол во мојот организам преку апчињата, што сум ги држел во истиот џеб како и ќесичката со кокаинот претходно. Кога сум испил апче, на него веројатно имало траги од кокаин“, се правдаше 27-годишниот Еванс.
Еванс, кој моментално се наоѓа на 107. место на АТП-листата, вели дека ова не е крај на неговата кариера и е посветен да му се врати на својот омилен спорт веднаш откако ќе му истече суспензијата наредниот април.