Андреј Петровски допатува од Германија, освои две државни титули во велосипедизам и се врати назад. Престојуваше неколку дена во родната Македонија и за тоа време стана првак во дисциплините хронометар и друмско возење.
Андреј е роден кумановец, живее во Германија и е професионален велосипедист.
„Чест ми е да се натпреварувам за државен првак на Македонија. Секое слободно време го посветувам на велосипедизмот и редовно тренирам. На велосипед сум од мои шест години“, кажа Андреј.
Во петокот се возеше хронометар во должина од 23 км на релацијата Стоби-Неготино-Стоби, а на учесниците проблеми им правеше силниот ветер. Вчера беше државно друмско првенство на релацијата Кавадарци-Возарци-Дреново-Росоман-Кавадарци, се возеа четири круга од по 33 км или вкупно 132 км.
Петровски ќе ја претставува Македонија на Европското првенство во велосипедизам, што ќе се одржи на почетокот на август во Минхен.
П. ПЕЧКОВ