Во НБА-лигата заврши една ера откако легендарниот Грег Попович објави дека се повлекува од клупата на Сан Антонио Спарс по цели 29 години. Седумдесет и шестгодишниот Попович отсега ќе биде претседател на кошаркарските операции во клубот.
Попович е најуспешниот тренер во историјата на НБА-лигата. Низ 29-те сезони оствари рекордни 1.422 победи во регуларниот дел и го предводеше Сан Антонио до пет шампионски титули, последната во 2014.
„Иако страст и љубов кон кошарката и натаму се присутни, одлучив да се повлечам од тренерската функција. Засекогаш ќе им бидам благодарен на прекрасните играчи, тренери, управа и навивачи кои ми овозможија да им служам како тренер на Спарс“, изјави Попович.
Тој не ја водеше екипата од ноември, кога претрпе благ мозочен удар и во негово отсуство, Сан Антонио не успеа да се пласира во плеј-офот.
Попович, кој е роден во Чикаго од татко Србин и мајка Хрватка, ја почнал кариерата во Сан Антонио во 1988 како помошен тренер, а од 1996 беше главен тренер. Како селектор на САД има злато од ОИ 2020.