Легендарниот хрватски ракометар Златко Сарачевиќ почина од срцев удар на 60 години. На тренерот на Подравка му се слошило веднаш по завршувањето на денешниот натпревар со Локомотива во Копривница и почина откако беше превезен во болница.
Сарачевиќ е роден во 1961 година во Бања Лука, каде што и ја почна ракометната кариера во дресот на Борац, промовирајќи се во еден од најдобрите југословенски ракометари на својата генерација. По десет години во Борац, се пресели во Медвешчак од Загреб, по што кариерата го однесе во неколку француски клуба, Загреб и Фотекс Веспрем. Играчката кариера ја заврши во 2003 година.
Со Југославија беше светски шампион во 1986 и освои олимписка бронза во Сеул две години подоцна. Со Загреб двапати беше европски првак, а со Хрватска стана олимписки шампион во 1996 година во Атланта.