МАКЕДОНИЈА Е МЕЃУ ДЕВЕТТЕ ЕВРОПСКИ ДРЖАВИ КОИ ДОБИВААТ СПЕЦИЈАЛНИ ПОКАНИ ЗА УЧЕСТВО НА ОЛИМПИЈАДИТЕ БЕЗ ИСПОЛНЕТА НОРМА

    МАКЕДОНИЈА Е МЕЃУ ДЕВЕТТЕ ЕВРОПСКИ ДРЖАВИ КОИ ДОБИВААТ СПЕЦИЈАЛНИ ПОКАНИ ЗА УЧЕСТВО НА ОЛИМПИЈАДИТЕ БЕЗ ИСПОЛНЕТА НОРМАДел од македонскиот олимписки тим во Париз. (Фото: МОК)

    Македонија е една од деветте европски држави на која ѝ следуваа специјални покани (вајлд карти) за настап на Олимписките игри во Париз, без спортистите да имаат исполнето олимписка норма. Од шестемина претставници на Македонија на ОИ во Париз, само двајца се со исполнета норма: маратонецот Дарио Ивановски и борачот Владимир Егоров, другите се со вајлд карти.

    Трипартитна комисија на Меѓународниот олимписки комитет ги распределува овие покани на земји кои имале осуммина или помалку учесници во индивидуалните спортови на претходните две олимпијади.

    Освен Македонија, вакви покани во Европа добија и Албанија, Андора, Исланд, Лихтенштајн, Малта, Монако, Црна Гора и Сан Марино, како и 35 држави од Африка, 18 од Америка, 17 од Азија и 14 од Океанија. Целта на оваа политика е сите земји да бидат застапени на Олимписки игри и вакви покани најчесто се доделуваат во пливање и атлетика.

    Ова е вообичаена слика за настапот на Македонија на олимпијадите во последните 20-ина години. Пред три години во Токио, единствениот олимпиец со обезбедена норма беше теквондистот Дејан Георгиевски, кој на крајот освои сребрен медал.

    Во Рио де Жанеиро во 2016, Македонија испрати шестчлен тим, во кој само пливачот Марко Блажевски беше со Б-норма, додека четири години порано во Лондон настапија само четворица македонски спортисти, сите со добиена вајлд карта.

    Во досегашниот дел на ОИ во Париз, пливачот Никола Ѓуретановиќ беше последен на 400 метри слободно, стрелачката Анастасија Мојсовска го зазеде 31. место на 10 метри воздушна пушка, а џудистот Еди Шерифовски изгуби во првото коло. Остануваат настапите на Милијана Рељиќ (теквондо), Владимир Егоров (борење) и Дарио Ивановски (атлетика).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира