Доколку не направи драстичен скок на ранг-листата на ФИФА во наредните два месеца, Македонија ќе игра натпревари против најслабите европски репрезентации во новоформираната Лига на нации, што УЕФА ќе ја стартува во септември 2018 година.
УЕФА ги распореди своите 55 членки во четири лиги, при што Македонија е меѓу 16-те селекции кои би биле дел од најслабата, Д-лига. Тие дополнително ќе бидат поделени во четири групи со по четири репрезентации, што значи дека потенцијалните противници на Македонија би биле Литванија, Белорусија, Грузија, Ерменија, Фарски Острови, Луксембург, Летонија, Молдавија, Казахстан, Лихтенштајн, Андора, Малта, Косово, Сан Марино и Гибралтар.
Сепак, и настапот во оваа лига може да и донесе голема добивка на Македонија, бидејќи најдобрата селекција ќе обезбеди место во плеј-офот за пласман на Европското првенство во 2020 година.