Златната генерација на југословенската кошарка повторно се собра во Белград триесет години по освојувањето на Светското младинско првенство, на кое што дури двапати ја победи репрезентацијата на САД.
Поводот беше премиерата на филмот „250 скалила“, кој потсетува на успехот од Бормио (Италија) во 1987 година, но целата идеја потекнува од Македонија.
Тој беше снимен според материјалите на поранешниот спортски новинар на „Скок“ и „Дневник“, Живко Здравковски, кој беше еден од гостите на премиерата, што се одржа во Југословенскиот драмски театар.
Дел од оваа генерација беа и денес легендарните кошаркарски имиња Александар Ѓорѓевиќ, Тони Кукоч, Дино Раѓа и Владе Дивац, кои до златото ги предводеше селекторот Светислав Пешиќ.
„Од Пешиќ и од овие момци научив многу. Некои од нив не сум ги видел 30 години. Огромно задоволство ми е што сум тука, глупаво е што порано не се собравме“, призна Раѓа.