МЕЧОТ АТАЛАНТА-ВАЛЕНСИЈА БЕШЕ БИОЛОШКА БОМБА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БЕРГАМО

    МЕЧОТ АТАЛАНТА-ВАЛЕНСИЈА БЕШЕ БИОЛОШКА БОМБА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БЕРГАМОНа „Сан Сиро“ во Милано на 19 февруари имаше над 44.000 гледачи (Фото: ЕПА)

    Градоначалникот на Бергамо Џорџо Гори верува дека натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу Аталанта и Валенсија довел до масовното ширење на коронавирусот во Италија и Шпанија.

    Поради несоодветниот стадион во Бергамо, овој натпревар се играше на 19 февруари на „Сан Сиро“ во Милано, на чии трибини имаше над 44.000 гледачи, вклучувајќи и гостински навивачи и Гори смета дека вирусот оттука почнал масовно да се шири.

    „Тој меч беше биолошка бомба. Во тоа време уште не знаевме што се случува. Првиот пациент во Италија е регистриран на 23 февруари. Ако вирусот веќе кружел, тоа значи дека 40.000 фанови на ‘Сан Сиро‘ биле заразени. Но, никој тогаш не знаеше дека вирусот е околу нас“, изјави Гори.

    Провинцијата Бергамо, која се наоѓа во рамките на северниот регион Ломбардија, е една од најпогодените од коронавирусот.

    „Стадионот беше полн, а луѓето се дружеа и во баровите. Несомнено, тоа е ноќ кога имаше голема ескалација на заразата“, вели Гори.

    Од Валенсија минатата недела соопштија дека се заразени повеќе од третина од играчите и од членовите на стручниот штаб.

    Првиот случај на зараза во провинцијата е регистриран во болница во гратчето Алцано Ломбардо, само два дена по првата локална трансмисија во Кодоњо, јужно од Милано.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари