Саудиска Арабија го приреди едно од најголемите изненадувања во историјата на светските првенства откако ја совлада Аргентина со 2:1, правејќи целосен пресврт во второто полувреме за само пет минути.
Во својот петти и веројатно последен обид да се закити со титулата светски првак, 35-годишниот Лео Меси ја доведе Аргентина во водство од пенал во 10. минута, а потоа им беа поништени дури три гола во доминантното прво полувреме. Хероите на втората најслабо рангирана селекција на СП (зад Гана) беа Салех Ал-Шехри и Салем Ал-Давсари, чии голови во 48. и 53. минута ги шокираа не само сите 88.000 гледачи на стадионот во Лусаил, туку и целиот фудбалски свет.
„Ова боли многу. Сонувавме да го почнеме Светското првенство со победа. Го изгубивме мечот поради наши грешки“, изјави аргентинскиот напаѓач Лисандро Мартинес.
Аргентина го изгуби првиот меч од јули 2019 и потсети на СП 1990, кога ја почна одбраната на титулата со пораз од Камерун, за потоа да стигне до уште едно финале.
Саудиска Арабија го игра своето шесто светско првенство и досега имаше три победи и само еднаш ја помина групата.