Македонската кошарка го освои првиот златен медал откако младинската репрезентација триумфираше на Европското првенство од Б-дивизијата, што се играше во Скопје. Во синоќешното финале беше совладана Австрија со 98:88, со што македонскките кошаркари до 18 години го завршија првенството без пораз.
Покрај титулата, кошаркарите за награда добиваат и пласман во елитната А-дивизија и настап на следното Европско првенство во Србија.
Македонија одигра осум натпревари на првенството во Скопје и оствари совршен скор од осум победи. Низата беше заокружена во финалето, во кое македонските кошаркари уште на полувремето имаа предност од 13 поени. Никола Јаничиќ постигна 30 коша и потоа беше прогласен за најдобар играч на првенството во изборот на селекторите на земјите-учеснички.
Покрај Јаничиќ, во идеалната петорка на првенството влезе и Марко Луканоски.