МОРАШЕ ДА БИДЕ ЖОЛТ – ПОЧИНА ДИЗАЈНЕРОТ НА ЛЕГЕНДАРНИОТ ДРЕС НА БРАЗИЛСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

    МОРАШЕ ДА БИДЕ ЖОЛТ – ПОЧИНА ДИЗАЈНЕРОТ НА ЛЕГЕНДАРНИОТ ДРЕС НА БРАЗИЛСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈААлдир Гарсија Шле имал само 18 години кога победил на националниот конкурс за нов дрес (Фото: Твитер)

    Алдир Гарсија Шле, човекот кој го дизајнирал легендарниот жолт дрес на бразилската фудбалска репрезентација, почина на 83 години од рак на кожата.

    Дизајнер, новинар и писател, Шле имал само 18 години кога се пријавил на националниот конкурс за нов дрес, по травматичниот пораз на Бразил во финалето на Светското првенство во 1950 година на домашен терен. До тој пораз од Уругвај, бразилските фудбалери играа во бели дресови, по што властите решиле да се креира нов, па распишаа конкурс во 1953 година.

    На конкурсот победил Шле, кој во тоа време работел како илустратор во локален весник во јужната држава Рио Гранде до Сул.

    „Нацртав 100 различни комбинации на бои. На крајот заклучив дека дресот мора да биде жолт. Таа боја убаво се комбинираше со сините шорцеви и со белите чорапи, со зелената околу крагната“, кажа своевремено Шле.

    За награда, тој добил пат до Рио де Жанеиро, кој тогаш бил главен град на Бразил. Новиот дрес дебитирал на пријателска средба истата година, а на големата сцена – на Светското првенство 1954 во Швајцарија.

    „Мислев дека повторно ќе го променат, откако Бразил беше рано елиминиран“, рече Шле.

    Четири години подоцна, Бразил во тој дрес за првпат стана светски првак.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари