Алкохол нема да се продава на осумте стадиони на кои ќе се играат мечевите од Светското првенство во Катар, откако ФИФА ја промени својата политика на два дена пред почетокот на најголемиот фудбалски настан.
Претходно беше кажано дека алкохол ќе се служи во одредени области во рамките на стадионите, иако неговата продажба е строго ограничена во Катар. „Бадвајзер“, кој има спонзорски договор со ФИФА вреден 75 милиони долари, го има ексклузивното право за продажба на пиво на светските првенства.
„По разговорите помеѓу катарските власти и ФИФА беше одлучено алкохолни пијалаци да се продаваат само на фан фестивалот на ФИФА и други лиценцирани места, но не и во кругот на стадионите. Таму ќе се продава само безалкохолно пиво“, објави ФИФА.
На стадионите, пивото ќе биде достапно само во деловните области, каде што најевтините апартмани чинат речиси 24.000 долари по натпревар. За обичните навивачи пола литар „бадвајзер“ ќе чини 14 долари.
Светското првенство се отвора в недела со дуелот помеѓу Катар и Еквадор.