Велешанецот Ване Михајловски утрово во три часот со велосипед тргна од Велес за Брисел, на патувањето кое го нарече „За Европска Македонија“. Тој со ова патување, кое треба да трае 18 дена, испраќа две пораки.
„Имав рак, бев опериран и сакам на болните да им порачам дека животот продолжува, не треба да се предаваат. Сакам да ги мотивирам да продолжат да се борат, да не клекнуваат. Втората е со возењето од срцето на Македонија, од Велес, до срцето на Европа – Брисел да дадам поддршка за референдумот за европска Македонија“, рече Михајловски.
Тој на велосипед, без придружба, треба да извози 2.179 километри.
„Можеби до Брисел ќе стигнам за 15 дена. Посакувам мирно небо и да нема ветер или ако го има, да биде во грб. Ќе возам од три до 11 часот претпладне, тоа е најдобро за една рута“, додаде 57-годишниот Михајловски.
Логистичка поддршка добил од Министерството за надворешни работи. Михајловски е планинар и љубител на возење велосипед. За патувањето до Брисел активно се подготвувал последните два месеца и смета дека кондициски и психички е подготвен. Во Велес се враќа на 26 септември, но авионски.
П. ПЕЧКОВ