Шестото издание на меѓународната трка во планинско трчање Водно-Матка треилс ќе се одржи на 2 април. Настанот во организација на здружението за спортови во природа „Трекс” од Скопје се состои од три трки, чиј старт е закажан во 7, 8 и 9 часот на Средно Водно. Пријавени се вкупно 522 учесници од 26 држави.
Најдолгата трка е на 40 километри и со вкупно искачување од 2.700 метри, а минува по трим патеката кон Марково Крувче, врвот Крстовар и целиот гребен на Водно до врвот Кале, потоа следат спуштање до Матка, искачување до „Св. Недела“, „Св. Никола Шишевски“, селото Св. Петка и Горно Нерези („Св. Пантелејмон“) и финишира на Средно Водно пред објектите на Црвен Крст.
Втората трка (полумаратон) изнесува 27 километри, со вкупно искачување од 1.400 метри, а третата, 10-километарска трка е наменета за почетници и рекреативци.
Најбрзите натпреварувачи се очекуваат од 11 часот, а церемонијата за победниците ќе биде во 14 часот на Средно Водно.