Рафаел Надал ќе го загуби првото место на АТП-листата по шокантниот пораз од Доминик Тим во четвртфиналето на Мастерс турнирот во Мадрид.
Шпанецот загуби со 5:7, 3:6, само ден откако го собори 34 години стариот рекорд на Џон Мекинро во бројот на едноподруго освоени сетови на земјена подлога, запирајќи на 50.
„Не бев доволно добар денеска, но и противникот е заслужен за тоа. Некои денови едноставно не играш како што посакуваш“, кажа 31-годишниот Надал.
Надал немаше пораз на земја една година, кога токму од Тим загуби на Мастерсот во Рим.
Иако одлучи да ја прескокне целата сезона на земјени терени, Роже Федерер в понеделник ќе се врати на врвот на АТП-листата, но, исто така, би можел кратко да се задржи таму. Надал повторно ќе биде број еден доколку го освои претстојниот Мастерс во Рим.