Рафаел Надал по петти пат во својата кариера се најде на првото место на АТП-листата, заменувајќи го својот најголем ривал Роже Федерер, кој го изгуби врвот како резултат на раната елиминација од Мастерс турнирот во Мајами.
Шпанецот ја почна својата 168. недела како светски рекет број еден, иако поради повреда на колкот нема одиграно ниту еден меч од Отвореното првенство на Австралија во јануари. Федерер сега заостанува само 100 поени, но ќе ја пропушти целата сезона на земјени терени, каде што Надал брани огромни 4.680 поени и секој негов кикс може да значи нова промена.
Надал најави дека ќе се врати на терените претстојниот викенд, кога Шпанија игра против Германија во четвртфиналето на Дејвис купот.
Тој првпат изби на врвот на АТП-листата во август 2008 година, што потоа му успеа и во 2010, 2013 и во 2017 година.