Рафаел Надал објави дека нема да игра на претстојниот Ролан Гарос, каде што требаше да ја брани титулата и кажа дека планира да се повлече од тениските терени следната година. Тој првпат ќе го пропушти гренд слем турнирот во Париз откако дебитираше таму во 2005, кога ја освои првата од рекордните 14 титули.
Надал мораше да го откаже настапот на Ролан Гарос поради повредата на колкот, со која се мачи од Отвореното првенство на Австралија во јануари, од кога и нема играно.
„Јас не ја донесов одлуката, туку моето тело. Беше невозможно да се игра на Ролан Гарос. Следната година ќе ми биде последна во професионалниот тенис, така планирам. Ако играм сега, тоа не би можело да се случи“, изјави Надал, кој следниот месец ќе наполни 37 години.
Тој кажа дека тренирал во изминатиот период, но не бил доволно подготвен да игра турнири во пресрет на Ролан Гарос, на кој има скор од 112 победи и само три порази. Минатата година го освои овој турнир играјќи со хронична болка во стапало.