НЕАПОЛ СЛАВИ И ПЛАЧЕ ОД РАДОСТ ПО ПРВАТА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА НА НАПОЛИ ПО 33 ГОДИНИ

    НЕАПОЛ СЛАВИ И ПЛАЧЕ ОД РАДОСТ ПО ПРВАТА ШАМПИОНСКА ТИТУЛА НА НАПОЛИ ПО 33 ГОДИНИУлиците и плоштадите ноќеска се исполнија со луѓе, кои пееја, танцуваа и се прегрнуваа

    Неапол ноќеска се претвори во голема улична забава откако ја дочека шампионската титула во Серија А по 33 години пауза. Таа беше потврдена синоќа, кога Наполи, со македонскиот репрезентативец Елиф Елмас на теренот, одигра 1:1 со Удинезе на гостински терен.

    Набргу потоа, улиците и плоштадите се исполнија со луѓе, кои пееја, танцуваа и се прегрнуваа. Некои скокаа во фонтаните од радост, други вееја огромни знамиња на Наполи.

    „Имавме еден сон во нашите срца, а тоа е Наполи повторно да биде шампион“, се пееше низ градот.

    Дел од големиот успех е и Елиф Елмас (Фото: Инстаграм)

    Ова е трета шампионска титула за Наполи, но прва без Диего Армандо Марадона, локалниот фудбалски бог кој е заслужен за првите големи успеси на клубот во 1980-ите. Тој не дочека да види како градот повторно слави, бидејќи почина во ноември 2020.

    Неапол живее и дише за фудбалот. Целиот град беше декориран во очекување на прославата.

    „Имам чувство како светот да запрел тука. Оваа забава трае веќе еден месец и ќе продолжи преку летото“, изјави Амелија Буфи, која допатува од Рим поради славјето.

    Оваа забава се планираше 33 години. Наполи ја освои последната титула во 1990, кога Марадона беше капитен. Неговото влијание и натаму е силно во градот.

    „За неаполитанците, фудбалот е како религиозно искуство. Тој е повеќе од религија. Му се молиме на Марадона како да е светец. Лудо е и ми се допаѓа“, додаде Буфи.

    По заминувањето на Марадона настапија црни денови за Наполи, кој дури беше исфрлен во третата лига откако прогласи банкрот. Пресвртна точка беше купувањето на клубот од страна на филмскиот продуцент Аурелио де Лаурентис во 2004, кој постепено создаваше нов квалитетен тим. Меѓу нив денес е и Елиф Елмас, кој дојде од Фенербахче во 2019.

    „Ние доаѓаме од мали земји како Македонија, Косово, Грузија, Нигерија, Словачка, Камерун, останатото е историја. Сонот на Неапол стана стварност“, напиша Елмас на Инстаграм.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира