ОД АУТСАЈДЕР ДО ДРЖАВЕН РЕКОРДЕР – ВЛАДЕК БОЖИЧЕВИЌ-БИТОЉАНУ ЌЕ ТРЧА НА СВЕТСКОТО МЛАДИНСКО ПРВЕНСТВО ВО ПЕРУ КАКО ЕДИНСТВЕН МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИК

    ОД АУТСАЈДЕР ДО ДРЖАВЕН РЕКОРДЕР – ВЛАДЕК БОЖИЧЕВИЌ-БИТОЉАНУ ЌЕ ТРЧА НА СВЕТСКОТО МЛАДИНСКО ПРВЕНСТВО ВО ПЕРУ КАКО ЕДИНСТВЕН МАКЕДОНСКИ ПРЕТСТАВНИКБожичевиќ-Битољану неодамна истрча нов младински рекорд на 200 метри (Фото: приватна архива)

    Младиот атлетичар Владек Божичевиќ-Битољану за една година поминал пат од аутсајдер до државен рекордер и овој месец ќе биде единствениот претставник на Македонија на Светското првенство за атлетичари до 20 години во Лима, главниот град на Перу.

    Пред месец и пол на Купот на Македонија, 18-годишниот Божичевиќ-Битољану истрча нов младински рекорд на 200 метри од 21 секунда и 64 стотинки, со што за речиси половина секунда го надмина досегашниот рекордер Ристе Пандев. Ваквиот спортски развој на Владек го изненади и неговиот тренер Кристијан Кајчевски.

    Лани беше аутсајдер, дете со просечни резултати, а оваа година прави чуда. Буквално за три месеци експлодираше и стана неприкосновен меѓу младинците, дури и на 100 метри. И јас не го очекував ова пријатно изненадување“, вели Кајчевски, тренер во атлетскиот клуб Центар, кој веќе три и пол години работи со Божичевиќ-Битољану.

    Божичевиќ-Битољану три и пол години работи со тренерот Кристијан Кајчевски (Фото: приватна архива)

    Владек како дете почнал да тренира атлетика, но по некое време се откажал и се пробал во фудбалот.

    Пред четири години го убедивме да се врати во атлетиката и можам да кажам дека ваков спринтер не сме имале со децении, а сѐ уште не сме ни почнале да работиме со сите атлетски методи и затоа сега многу очекуваме од него. Лани имаше пехови и повреди, па не го достигна својот потенцијал и имаше застој од една година. Очекувам да го подобри својот резултат на 200 метри на претстојното Светско првенство, каде што ќе трча на 29 август“, вели Кајчевски.

    Божичевиќ-Битољану се снаоѓа за тренинзите, соочувајќи се со истите проблеми што ја кочат македонската атлетика во последните децении.

    Се мачиме со термини на стадионот, немаме свој. Стадионот ‘Тоше Проески‘ е отворен до 15 часот и фудбалот сѐ диригира. Среќа, се направи патеката во Градски парк, па можеме да тренираме попладне. Комбинираме теретани и паркови. Тешко е без инфраструктура“, кажа Кајчевски.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира