ОД ХЕРОИ ДО НУЛИ – ИТАЛИЈА ВО ШОК ПО ПОРАЗОТ ОД МАКЕДОНИЈА И ЕЛИМИНАЦИЈАТА ОД МУНДИЈАЛОТ

    ОД ХЕРОИ ДО НУЛИ – ИТАЛИЈА ВО ШОК ПО ПОРАЗОТ ОД МАКЕДОНИЈА И ЕЛИМИНАЦИЈАТА ОД МУНДИЈАЛОТВо Скопје синоќа се славеше сензационалната победа во Палермо (Фото: Ѓ. Личовски)

    Италијанската јавност со шок и разочарување го прими синоќешниот пораз на актуелниот европски првак од Македонија од 1:0, со што остана без пласманот на Светското првенство во Катар. Само осум месеци по прославата на европската титула, Италија доживеа големо понижување во Палермо, откако прими гол во 92. минута на мечот на кој целосно доминираше.

    „Неееееее!“, стои на насловната страница на весникот „Тутоспорт“, проследено со фотографијата на која Кјелини го теши голманот Донарума.

    „Газета дело спорт“ му порача на селекторот Манчини дека ќе треба да размисли за својата иднина на селекторската клупа.

    „Ќе видиме дали ќе продолжам. Мислам дека сега сите се премногу разочарани за да зборуваме за тоа. Како што Европското првенство беше најубавото искуство во мојот живот, така ова е моето најголемо разочарување. Но, тоа е фудбалот. Ова е група на добри играчи и жал ми е за нив“, кажа Манчини, кој смета дека поразот се должи на немањето среќа, а не на недостигот на квалитет во неговиот тим.

    „Во пеколот“, напиша „Кориере дело спорт“ на својата насловна страница.

    Селекторот на Македонија, Благоја Милевски, вели дека неговите играчи ја победиле Италија на италијански начин.

    „Дадовме гол од само два шута. Игравме токму онака како што се подготвувавме. Ја знаевме нашата сила. Пред мечот им кажав на моите играчи да се забавуваат и го направија токму тоа“, кажа Милевски.

    По овој пораз, Италија ќе го пропушти второто светско првенство во низа.

    „Ова е вистински кошмар. Ние имаме тим кој може да се бори за светската титула, а место тоа, ни се случи катастрофа. Од херои станавме нули“, изјави италијанскиот репрезентативец Марко Верати.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира